вештачки мамци
Малкумина се
оние кои смирено ќе го откинат закачениот вештачки мамец. Вештачките
мамци во просек се скапи, а по правило најчесто се закачуваат токму
оние кои воделе бројни битки за вас, а со тоа и зазеле посебно место во
вашата кутија. Не кревајте раце од закачените воблери или блинкери, се
додека мамецот ви е на крајот од конецот, за него има спас. Се надеваме
дека советите што следат ќе ви помогнат како полесно да се справите со
закачените мамци...
Во случај кога ви се закачил вештачкиот мамец
(воблер, блинкер...), првата и најважна работа која треба да ја
направите е да не правите ништо! Немојте веднаш да го силувате приборот.
Меѓудругото, така ќе можете уште повеќе и уште подлабоко да заглавите
во подводната препрека и да ги намалите шансите повторно да го виеите.
Направете мала пауза и размислете за можните начини за негово
ослободување.
Протресете го стапот, затегнете, отпуштете го конецот,
или пак умерено оптеретувајте го. На овој начин најчесто мамецот многу
бргу ќе го ослободите или извадите ако е закачен на помала гранка, или
школка. Проблемите ќе се појават кога ќе утврдите дека на крајот од
конецот има поголема препрека...За нијанса е полесно ако јадицата ви е
закачена за нешто што се движи во секоја насока при повлекувањето. Прво
што треба да имате на памет кога ќе ја започнете акцијата за спасување е
положбата на мамецот. Воглавно е лесно да се утврди насоката на
закачување, а она што сакаме да го постигнеме е ослободување на
закачената јадица во спротивна насока.
Доколку можете да си ја
набавите направата наречена SNAGMASTER, направете го тоа без
раазмислување. Снагмастер е метален прстен, тежок околу 100 грама, со
отвор за конец и две трокраки јадици без остри врвови. Прстенот се
врзува со тенок и јак коноп, низ отворот се навлекува на конецот и се
пушта по него до мамецот. Со подигање и спуштање на стапот, повлекување,
или отпуштање на конопот, обрачот се доведува во таква состојба што со
него може да се изврши откачување на мамецот, или тој да се извади на
брегот со самата препрека. Посебно е ефикасен на стоечка, или протечна
вода која тече бавно, додека на поголеми длабочини, или во брза вода,
оваа направа малку потешко може да ви го откачи мамецот.
Snagmaster во акција
Доколку не ви успеало да се приближите до мамецот доволно, врвот на стапот спуштете го во вода и обидете се да го „обвиете" околу мамецот и со внимателни и мали поместувања пробајте да го ослободите.
На помалите канали, колегата кој се наоѓа на спротивниот брег може едноставно да го префрли својот мамец преку вашиот конец и повлекувајќи према себе, да го откачи вашиот. Секако, треба да се води сметка да не го спушти својот мамец премногу ниско, бидејќи така ќе може да си го закачи.
Ако мамецот ви се закачил во силна и длабока вода, послужете се со следниот трик: исплетете околу конецот венец од тенки гранчиња, отпуштете ја оршата за да може конецот слободно да се движи и фрлете го венецот колку што можете подалеку во водата. Полека отпуштајте го конецот и оставете водата да го однесе венецот десетина метри подалеку од местото на закачување. После тоа префрлете ја оршата во работна состојба и повлечете го стапот нагоре. Конецто ќе се затегне, а мамецот ќе биде повлечен во спротивна насока на закачувањето. Бидете упорни и пробајте повторно ако не ви успее од прва. Истиот метод може да се изведе и со некоја гранка, или пластично шише (ако се врзе околу грлото и да се спои со конецот) во кое ќе ставите малку вода за да го фрлите подалеку.
Во случај водата да тече брзо, можете да го отпуштите конецот, за да го носи водата. Во оној момент кога конецот ќе направи парабола помеѓу врвот на стапот и мамецот, енергично повлечете го стапот нагоре и мамецот ќе биде повлечен во спротивна насока.
Еден од начините кои нетрпеливите често го користат и како прв метод е методот на „мускули". Значи, тргнете го стапот, конецот обвиткајте го неколку пати околу подлактицата, па полека и константно зголемувајте го отпорот движејќи се во спротивна насока...Мамецот ќе се солободи со свиткување на јадицата, или пак ќе излезе со некоја поголема гранка, или што е најнепосакувано, ќе го слушнете познатиот звук на пукање на конецот. Се препорачува при овој маневар да се свртите со грб, зашто ослободениот мамец, заедно со некоја гранка може да излета од водата кон вас и да ве удри и повреди. Овој метод е популарен кај рибарите кои користат впреден конец, па тогаш мора многу да се внимава конецот никогаш да не се држи и повлекува со гола рака, бидејќи повредите можат да бидат сериозни.
При џигување со тешки оловца, често се случува џигот да се закачи, односно заглави на дното помеѓу два камена. Тогаш е најдобро да го ослободите мамецот со „прачка". Се прави така што ќе ја ослободите оршата, а показалецот ќе го ставите на шпулната и така ќе спречите слободно одмотување на конецот. Потоа затегнете го конецот со стапот до крајните граници на издржливост и нагло тргнете го прстот од шпулната...така нагло отпуштениот конец често го исфрла џигот во спротивен правец и го ослободува.
Се случува во текот на фрлањето мамецот да заврши на суво, односно во крошната на блиското дрво. Ако процените дека со обично повлекување мамецот не може да се спаси, не ви преостанува ништо друго освен да се качите на дрвото и да се обидете со рака да го откачите. Притоа не носете го стапот со вас, туку оставете го на земја и отверете ја оршата. Ако маневарот не ви успее, на лице место скинете го мамецот, а конецот намотајте го откако ќе се симнете долу.
Ако ви се случило да го откинете закачениот мамец, тоа се уште не значи дека сте го изгубиле. Еден од начините е со нешто појак конец повторно да се обидете да се „закачите" на истото место! Доколку ви успее, можете да се обидете со некој од погоре наведените методи. Секако, во овој случај користете мамци кои се на самото дно од вашата кутија, или однапред подготвена појака трокрака јадица со дополнително оптеретување.
Доколку не сте расположени веднаш да го спасувате закачениот мамец, или не сакате да си ја заматите водата, можете едноставно да го отсечете конецот и слободниот крај да го врзете за нешто, на пример дрво. Мамецот секако ќе ве чека...