Кленот може да порасне до три килограми, иако и парчињата од два килограми може да се сметаат за добри. Најмногу го има во низинските, но и во висинските води. Додека е помлад, кленот живее во јата кои се предводени од поголемите по раст.
Кога ќе стане поголем не поднесува друштво на браќа и сестри. Како спортска риба е многу интересен и ловот на клен се смета за активен спорт. Се мрести во мај и јуни и женката во два до три наврати може да исфрли до 100.000 јајца.
Со што се храни:
Кленот не бира храна, јаде подводен мов, како и малини, цреши, грозје, сливи и дудинки. Не им го опростува животот ни на ситни риби, ракови и жаби. Што се однесува до инсектите ги јаде скакулците, компировата златица, куќната мува и други. Кленовите можат да се хранат и со отпадоци од топлокрвни животни: животински црева, засирена крв, пилешки џигер, па дури и парчиња месо и сланина, а посебно во текот на зимата. Може да посегне и по вештачки мушички од типот на „мепс" со помали димензии (нула, или еден). Поради тоа што јаде сешто, менито му е проширено на житарки, леб, црви, глисти, пијавици и др. Месото му е вкусно, но има многу ситни коски, посебно ако се работи за помал примерок.
Начин на риболов:
Најмногу успех во ловот на клен ќе имате ако користите природни мамци, на тапа која е во движење, но да останете незабележани. Поради тоа што кленот е јатна риба, доволно е предводникот да сигнализира опасност и сите ќе се разбегаат. Сличното се случува кога од јатото ќе извадите барем еден поголем клен. Тогаш слободно сменете го местото, или вратете се повторно за саат или два.
Треба да се знае дека кленот престојвуа во брзаците позади препреките кои ја разбиваат водената струја, но во текот на летото може да го најдете и во вировите без струи, во плитките места, ладовините покрај брегот, под мостовите, а најчесто на места каде што се вливаат потоците и малите реки во поголемите води.