Мрена Краток опис и начин на ловење Мрената е една од најзначајните риби во нашите води и ловот на мрена нуди голем предизивик и задоволство. Телото и е вретенесто со нагласени јаки перки. Грбот и е со сиво-маслинеста боја, а кон стомакот е сребренкаста прекриена со густи, ситни крлушки. Устата и е месната и жилава, украсена со два пара мали мустаќи. Може да достигне тежина до 10 килограми, иако таквите примероци се многу ретки. Најчесто се ловат мрени од околу 500 грама до еден килограм, а примероци од 5 кг се сметаат за капитални улови. Може да се лови во текот на целата година, додека есента е ударен термин. Во зима се собираат во јата и мируваат на дното во длабоките и мирните делови од реките. Во лето може да се најдат во брзите и плитки делови на реките, во брзаците и на места каде на дното има крупни камења и помали карпи кои овозможуваат побрзо струење на водата.
|
|
Лов со вештачки мамци
Ловот на вештачки мамци е посебно задоволство. мамецот не го водиме на класичен начин, туку мора да го сместиме на самото дно. Тоа ќе го постигнеме со лизгачко олово. Оловото го ставаме на основата на конецот. Позади него се врзува вртилица, а позади тоа на 25-30 см мамецот. При фрлањето, мамецот го зафрлуваме попречно во однос на водениот тек. Со постојано затегнат конец пуштаме мамецот да биде носен од водената струја. Кога мамецот ќе дојде низводно од нас, го држиме на место и по неколку секунди, а потоа со врвот на стапот го повлекуваме кон нас. Повлекувањето треба да е бавно. Од вештачките мамци најдобри се воблерите од 2-5 см. Не се лоши ни мали цикади и кашикари, додека пеперутките се покажале како најлоши. За лов на вештачки мамец стапот треба да е долг, чувствителен и лесен, а конецот со дебелина до 0,25мм.
|
Мрената е исклучителен борец на јадица поради што рибарите ја сакаат. Фатена на јадица очајнички се труди да се ослободи користејќи ја целата своја енергија и сила, бодејќи со главата по дното. Кога ќе се закачи тешко се откинува, бидејќи устата и е месната. Месото и е вкусно и често може да се најде на трпезите. |