Речен риболов на бела риба во пролет
Во пролетниот период, кога водата е сеуште ладна, а белата риба е повеќе концентрирана на мрест, потребно е да се избегнува груб прибор, затоа што рибата тогаш го зема мамецот испитувачки. Тенок конец до 0.16 мм, тенки мали јадички и тапи до 2 грама тежина се вистински избор за пробирливата бела риба.Нејзиното намамување, кое се одвива со фрлање на примама (храна) во водата може многу да делува на успехот или неуспехот на риболовот.
Имено, поголеми количини на неквалитетна храна или крупна зрнеста храна може негативно да делува на успехот на риболовот, па затоа ако немате квалитетна храна подобро е да ловите без примама. И со мамците е добро да се експериментира, па ако не сака на црви треба да се проба на потенка глиста, а ако тапата мирува треба малку да се „цимне" за рибата да може полесно да го забележи мамецот.
Локацијата или местото за риболов е исто така важно. Често се случува од неколку риболовци само еден да фаќа риба баш заради местото. На пример, десетина риболовци ловат на поголема надојдена река. а само еден има зафатено место на кое се наоѓа патче кое води до реката кога таа не е надојдена. Тој риболовец има најмногу шанси за улов затоа што мамецот не му лебди над капините и тревата туку е спуштен до самото дно. Патчето е натапкана земја и со тоа е и патека за рибите каде тие полесно го пронаоѓаат мамецот.
Заради високиот водостој на реките на пролет и честите осцилации на нивото на водата не може да се очекува на исто место секојдневно да се ловат поголеми количини бела риба. Оние риболовци кои не сакаат честа промена на местото за риболов треба да се определат за води на кои водостојот не им осцилира како на пример канали, езера или бари.