Риболовечки прирачник за млади риболовци
Доколку сте одлучиле да станете краполовец постојат неколку работи кои треба, но и неколку кои не мора да ги направите. Не морате да купувате нови и скапи стапови и машинки, но оние кои ќе ги набавите треба да одговараат на нивната намена. Како најуниверзални се покажале стаповите со должина од 3.60 метри, околу 1.3 килограми. Секако, не мора да бидат токму вакви, туку нивните димензии ќе ги одредите според условите на водата каде што се лови. На пример, тешко ќе фрлите 100 метри со стап кој е тежок само 1 килограм. Исто така „смешно" би било со стап од 3.90 метри и тежина од 1.5 килограми да ловите на далечина од 40тина метри во вода каде што нема поголеми крапови (преку 10кг) и каде што нема многу пречки и трева во водата. Понудата е огромна, но обично најскапо ќе платите ако купувате најевтини стапови. Најевтиниот стап кој нема да го „пцуете" е 75 евра. Машинки. Немате потреба од baitrunner, но корисно е машинката да го има. Најдобро е да се купи некаков проверен модел за кои знаете дека некој колега веќе подолго време го користи и дека е задоволен. Со, или без baitrunner машинката за крапски риболов мора да има кочница, најдобро фронтална и со добар капацитет на конецот. Доволно би било да има капацитет за 300 метри конец со дебелина од 0.30мм. Употребата на сигнализатор на многумина им го олеснува риболовот, посебно ноќе. Ги има најразлични видови, но најважно е да се водоотпорни. Со секоја дополнителна функција им расте и цената. Најдобро е да купите најевтин од некоја позната марка. Со сигнализаторите ќе ви требаат и свингери за кои најважно е да може да им се подесува отпорот и да може да се додаде ампула за ноќен риболов. Сталакот за стапови (три под, род под) треба да биде функционален и стабилен. Ќе ви требаат уште конции, предвези, оловца и јадици. И секако голема чуварка. Потоа, за подолг престој на вода неопходен е шатор, лежалка, вреќа за спиење и уште неколку ситници без кои кампувањето не може да биде удобно. Добро би било да се информирате пред да се одлучите нешто да купите. Може да ви помогне совет од поискусни колеги. Мамци. Бојлите се мамци кои скоро и да немаат конкуренција кога се работи за ловење на крап, а посебно на капитални примероци. За да биде успешен риболовот на бојла, мора да се направи и прихрана на местото каде што ќе се лови. Бојлите не се маѓични топчиња за да бидат доволни само неколку парчиња па да ги уловите сите крапови во езерото. За почеток, добро е бојлите да ги правите од готови мешавини во кои ќе додадете само јајца, без било каква дополнителна хемија, или да се обидете со купување на готови, веќе направени бојли. |